Kога летните горештини ќе започнат, невозможно е да се скријат хигиенските навики. Се се гледа, или да бидеме прецизни, се' се чувствува. Посегнувањето кон парфемите (древниот трик), дезодорансите и антиперспирантите се повеќе е проблем, а не решение. Името на решението е сосема едноставно - чистота. Таа не излегува од мода.
Потењето е физиолошка одлика на човековото тело. Постојат два вида на пот, бидејќи постојат и два вида на потни жлезди. Апокрините потни жлезди (се наоѓаат претежно под пазувите, како и во пределот на гениталиите и дојките) се активираат по пубертетот и секретираат апокрина пот во мали количества. Таа се состои претежно од органски материи (амонијак, липиди, млечна киселина и т.н.) и иницијално е без мирис. Апокрината пот е една од секундарните полни одлики и нашироко се дискутира за постоењето и улогата на феромоните (љубовни, мирисни пораки на телото).
Екрините потни жлезди се распоредени по целата кожа и лачат пот од самото раѓање до длабоката старост. Вкупно ги има околу 2 милиони, а највеќе на дланките и табаните. Екрината пот е бистра, без мирис и со солен вкус. Се состои од 99% вода, а до 1% се цврсти материи (натриум, калиум, хлор, млечна киселина, уреа и т.н.). Создава кисела реакција на површината на кожата, а заедно со себумот (производ на лојните жлезди) формира заштитен слој на површината на кожата. Екрината пот е значаен учесник во регулирањето на телесната температура на човекот. Имено, скокот на температурата ја крева температурата и во центарот за терморегулација (во хипоталамусот), од каде што се праќа сигнал до потните жлезди да го засилат лачењето на екрината пот. Со испарувањето на оваа пот од површината на кожата температурата се снижува, а организмот се лади.
КОГА ЌЕ ЗАМИРИСА...
И се така до првиот, непријатен мирисен шок кој ќе не "удри" од блискиот сопатник во јавниот превоз, но и во многу други ситуации. Непријатниот мирис настанува поради активностите на бактериите на површината на кожата. Тие ја разградуваат потта, па се синтетизира амонијак, како и слободните масни киселини кои се криви за непријатните мириси.
Што да се прави? Во борбата против потните мириси, сапунот и водата се оружје број еден, но популарноста им е загрозена пред налетот на дезодорансите и антиперспирантите.
Од друга страна, се почесто се лансираат предупредувања за канцерогеноста на одредени состојки во дезодорансите и антиперспирансите. Нивната редовна примена во зоната под пазувите, поготово до 1 час по бричењето се поврзува со појавата на рак на дојките.
Алуминиум хлорхидратот кој се наоѓа во дезодорансите и антиперспирантите е сол која се поврзува со појавата на рак на дојките, но и со се почестата појава на Алцхајмеровата болест.
РЕШЕНИЕТО СЕКОГАШ ПОСТОИ
1. Редовно миење на кожата, поготово под пазувите. Дури и да нанесеме дезодоранс и/или антиперспирант, кожата мора да биде чиста и сува. Доколку непријатниот мирис на пот се појави, нема да може да биде "убиен" само со спомнатите препарати.
2. Не нанесувајте дезодоранси и антиперспиранти барем неколку часа по отстранувањето на влакната под пазувите.
3. Обрнете внимание на составот на препаратите, како и рокот на употреба за да ги избегнете алергиските реакции или иритација на кожата. На пример, парабените и парфемите кои се наоѓаат во индустриските дезодоранси и антиперспирантите се чести алергени.
4. Користете хербални резерви без конзерванси. Во светот, а и кај нас постојат цели колекции на препарати кои се означени како органски, што значи дека ниедна нивна состојка не е добиена синтетички, туку е од природно, контролирано потекло.