Новиот, експериментален лек против ХИВ "Isentress" на фармацевтската куќа Merck, Sharpe & Dohme - MSD покажува охрабрувачка ефикасност кај пациентите со мултирезистентен ХИВ вирус, соопштија учесниците на годинашната Конференција за ретровируси во Лос Анџелес.
Кај пациентите инфицирани со вирусот ХИВ кој е ризистентен на најмалку еден лек од секоја од трите расположливи класи лекови, после 16 недели испитување, резултатите покажале дека кај повеќе од 75% од пациентите кои добивале "Isentress" во комбинација со оптимизирана базична терапија е намален бројот на вирусите, споредено со околу 40 отсто од тие кои добивале плацебо и оптимизирана базична терапија.
Досегашното испитување покажало дека пациентите добро го поднесуваат "Isentress" плус оптимизирана базична терапија и дека безбедносниот профил е сличен на тој воочен кај пациентите кои добивале плацебо плус оптимизирана базична терапија, се наведува во соопштение на Merck, Sharpe & Dohme.
Најчесто пријавувани несакани реакции биле диареја, мачнина, надуеност, болка во абдоменот, главоболка, умор и реакција на местото на давањето инјекција.
Се проценува дека моментално ширум светот со ХИВ се инфицирани 40 милиони луѓе и оти секоја година се појавуваат повеќе од четири милиони нови инфекции. Сидата е еден од водечките причинители за смртноста кај инфективните болести ширум светот и е одговорна за околу три милиони смртни случаи годишно.
No comments:
Post a Comment