Ве буди будилникот или можеби подесениот аларм на вашиот мобилен. Веднаш скокате од креветот и некако се тетеравите до купатилото каде ги вршите утринските навики. Следува будењето на децата (ако ги имате), подготвувате појадок за децата и ги испраќате на училиште, па брзате на работа. Секако, гужва е на патот како и секое утро. Повторно секако, на работа стигнувате мрзоволно. Никако, но никако не ви успева да ги разберете колешките кои уште сабајлечки се зборлести и убаво расположени, весели и мили.
Ако оваа приказна ви звучи познато и би сакале нешто да смените тука, можно е! Постојат луѓе кои совршено функционираат од рано утро и станувањето не им е никаков проблем, но не е неопходно да бидете таква личност, за секое утро да не ви претставува кошмар додека не успеете да се разбудите. Дури и ако воопшто не функционирате наутро, постојат начини како себе си да си го разубавите почетокот на денот.
Еден од нив е да не правите се "кнап". Со други зборови, немојте да го навивате будилникот точно во секундата кога мора да станете – навијте го неколку минути порано. Тие неколку минути сон навистина нема многу да ви значат, а ако само за толку порано се разбудите, ќе имате време да се истегнете и уште малку да се излежувате во креветот. Доста е пријатно чувството кога лежите во креветот и знаете дека не мора сместа да станете, дека можете уште малку да лежите – дозволете си го тоа себе си.
Додека така лежите, не дозволувајте да ви прелетуваат лоши мисли. Нема да подобрите било што ако веднаш почнете да размислувате за пренатрупаниот дневен распоред и сите обврски кои морате да ги извршите. Наместо тоа, размислувајте за убави работи – мазење со својот партнер, лежење на плажа и слично. Пуштете ги мислите на одмор! Тие неколку минути се само ваши – искористете ги за уживање.
После тоа, ќе ви биде полесно да станете со насмевка на усните, расположени. Не е задолжително на работа од рано утро да дрндате за да покажете дека сте убаво расположени – важно е убаво да се чувствувате, а ако неколку минути си ги подарите само себе си, ќе се чувствувате. Чувстувате вина што покрај сите обврски вие лежите и фантазирате? Немојте – колку би работеле за време на тие неколку минути? Убаво расположени ќе бидете во состојба да постигнете многу повеќе отколку растрчани, плус подобро ќе се чувствувате и вие и вашите мили особи. Уживајте!
No comments:
Post a Comment