По 14 дена поминати на Меѓународната вселенска станица (ISS), американскиот милионер Чарлс Симонји (Charles Simonyi, 58) денеска се врати на Земјата. Симонји беше вратен со помош на руското летало Сојуз ТМА-9, кое слета во Казахстан во 12:31 часот по Гринич. Со него се вратија и членовите на Експедицијата 14, Мајкл Лопез-Алегрија и Микаил Тјурин, кои на Станицата престојуваа во изминативе 215 дена.
Симонји е петтиот по ред цивил, која ја посетува Станицата како обичен турист. За разлика од претходните четири туристи, кои на ISS престојуваа најмногу 10 дена, Симонји беше во орбита околу Земјата точно 14 дена, што е рекорд за еден вселенски одмор. Интересно е тоа што целото свое искуство, Симонји го сподели и со другите Земјани, преку редовно ажурирање на интернет страницата www.charlesinspace.com.
На ISS во моментов се наоѓаат членовите на Експедицијата 15, Русите Фјодор Јурхикин и Олег Котов. Како претставник на НАСА, на Станицата престојува и Сунита Вилијамс, која ќе работи со Експедицијата 15 до крајот на месец јуни.
Инаку, на 16 април Вилијамс го истрча првиот маратон во Вселената. Таа учествуваше на традиционалниот Бостонски маратон, трчајќи на специјална подвижна лента, поставена во еден од модулите на Станицата. Нејзиното време, а воедно и нов вселенски маратонски рекорд, беше 4 часа, 23 минути и 10 секунди.
No comments:
Post a Comment